Министрите за надворешни работи на земјите од Групата седум (Г7) и трите клучни сојузници, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд, денеска изразија длабока загриженост за испраќањето севернокорејски трупи во Русија и можноста тие трупи да бидат искористени во војната против Украина.
Во заедничката изјава, министрите истакнаа дека „директната поддршка на Северна Кореја за руската војна против Украина, освен што ги покажува очајните напори на Русија да ги надомести загубите, претставува и опасно проширување на конфликтот“, пренесе Ројтерс.
Покрај членките на Г7, кои ги сочинуваат Соединетите Американски Држави, Јапонија, Италија, Велика Британија, Германија, Франција и Канада, заедничката изјава ја потпишаа и Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд.
Министрите на „најостро можен начин“ ја осудија зголемената воена соработка меѓу Северна Кореја и Русија, вклучително и „нелегалната набавка“ на балистички ракети од Северна Кореја.
Тие, исто така, изразија длабока загриженост за можноста за трансфер на нуклеарни или ракетни технологии во Северна Кореја и нагласија дека ќе работат со меѓународните партнери за да го координираат одговорот на оваа нова закана.