Повеќе од 160 поранешни светски лидери и јавни личности рекоа дека лидерите на Г20 треба да го искористат самитот во Рим овој викенд за да се договорат за прераспределба на вишокот вакцини против коронавирусот во сиромашните земји.
Во писмото се посочува дека во светот се дадени повеќе од шест милијарди дози од вакцината против КОВИД, а 70 отсто од тоа се дадени во само неколку земји, додека во сиромашните земји се вакцинирани само два отсто од населението, пренесува Танјуг.
Потписниците наведуваат дека САД, Европската унија, Велика Британија и Канада до крајот на месецот ќе имаат 240 милиони неискористени вакцини, кои веднаш би можеле да бидат дистрибуирани до земјите на кои им се најпотребни.
Писмото, иницирано од поранешниот британски премиер Гордон Браун, е испратено до италијанскиот премиер Марио Драги, кој викендов е домаќин на самитот на Г20 во Рим.
Меѓу потписниците се 36 поранешни претседатели, 30 поранешни премиери и уште 100 влијателни светски личности.