Македонската фудбалска репрезентација која обезбеди историски пласман на Европското првенсто, во раните утрински часови беше пречекана од премиерот Зоран Заев.
– Голема е радоста што вечерва ја преплави целата земја. Оваа радост ја донесоа македонските фудбалски јунаци кои ги оставија срцата на теренот во Тбилиси и донесоа победа која македонската историја не ја памети до сега, со што Македонската фудбалска репрезентација ќе учествува на Европското фудбалско првенство. Целата држава, сите македонски граѓани ја споделуваат радоста за успехот на фудбалската репрезентација.
Еден гол за сите, една победа за сите!
Така е кога заедно играат Македонци, Албанци, Турци… во исти дресови, под исто знаме и за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден. Јас и првиот вицепремиер Артан Груби сме овде да ја споделиме радоста и да ви укажеме чест и да ви соопштиме дека во името на Владата и на граѓаните, сите членови на фудбалската репрезентација ќе бидат наградени со по 10.000 евра.
Ова е успех достоен за големо славење, но должен сум да апелирам и да замолам и вие да го направите истото и да апелирате и во овој момент да се почитуваат мерките за заштита од КОВИД-19 кои забрануваат собири, изјави Заев.
Македонскиот национален тим синоќа во баражот во Тбилиси ја совлада Грузија со 1:0 со голот на Горан Пандев.
Зоран Стерјовски