Францускиот Уставен совет на 14 април одлучува за уставноста на пензиските реформи

Сподели со своите пријатели

Уставниот совет на Франција ќе донесе одлука за уставноста на реформата на пензискиот систем во петок, на 14 април, „на крајот на денот, односно седум дена пред истекот на рокот“, се вели во денешното соопштение на овој влијателен и почитуван државен орган.

Кога станува збор за реформите во пензискиот систем, Уставниот совет или „советот на мудреците“ како што го нарекуваат во Франција, би можел да ја потврди усогласеноста на текстот на законот или да приговори на одредени мерки, односно да го цензурира текстот како целина, пренесува BFM TV.

Во меѓувреме, од кабинетот на француската премиерка Елизабет Борн велат дека „палатата Матињон (премиерската резиденција) ги очекува синдикатите на почетокот на следната недела“ кои се подготвени да разговараат со извршната власт за реформа на пензискиот систем.

Лидерот на синдикатот на железничарите (SUD Rail) Ерик Мајер изјави дека нема да има крај на протестите доколку Уставниот совет не го поништи текстот на законот што беше изгласан во францускиот парламент.

Денеска Франција е единствената земја во светот која ја контролира уставноста преку посебен државен орган, Уставниот совет, кој не е ниту чисто судска, ниту чисто политичка институција, туку одлуките што ги носи се конечни, извршни и обврзувачки за сите.