Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро денеска на почетокот на дводневната посета на Кина се сретна со неговиот кинески колега Ванг Ји, со кого разговараше за ситуацијата во Украина и трговските спорови меѓу Кина и Европа.
По средбата меѓу Ванг и Баро е планирана заедничка прес-конференција и работен ручек, пренесе АП.
Тој утре ќе отпатува за Шангај, каде ќе се сретне со локалните власти.
Во својот воведен говор, Ванг ги повика Франција и Кина да „изберат мултилатерализам наместо унилатерализам и да продолжат со взаемна корист и соработка наместо одвојување и изолација“.
Посетата на францускиот министер за надворешни работи е можност да се процени позицијата на Кина за војната во Украина пред големиот состанок во Франција, на кој ќе се разговара за потенцијална мировна мисија во земјата.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера изјави дека предложените европски воени сили би можеле да бидат распоредени во Украина како дел од можниот мировен договор и дека би можеле да „реагираат“ на руски напад доколку се случи.
Европската унија долго време ја критикуваше трговската политика на Кина, наведувајќи дека кинеските регулативи ги принудуваат европските компании да формираат партнерства со кинески фирми, да споделуваат трговски тајни и дека тоа води до големи трговски суфицити во корист на Кина, пренесува Танјуг.