Против новата француска министерка за здравство Агнес Фирмин Ле Бодо е покрената истрага бидејќи не пријавила голем број подароци, кои ги добила додека работела како фармацевт.
Фирмин Ле Бодо е осомничена дека од 2015 до 2020 година, кога работела како фармацевт во Нормандија, добила неколку подароци вредни повеќе од 20.000 евра, објави француската веб-страница Медиапарт, пренесува Политико.
Според извештаите, во тој период добила 21 луксузен подарок од лабораторијата Урго, меѓу кои часовници, шишиња шампањ, паметни телефони и телевизор, но не ги пријавила.
Францускиот закон налага подароците да мора да ги пријават и компаниите што ги даваат и оние што ги добиваат.
Судската истрага за случајот беше отворена во јуни, а првото рочиште е закажано за јануари следната година.
Портпаролот на министерката изјави за Медиапарт дека таа „ќе одговара само пред надлежните органи“ на сослушувањето во јануари.
Овој случај е дел од пошироката истрага за нелегалните комерцијални практики на лабораториите Урго, кои наводно давале подароци во вредност од повеќе од 55 милиони евра на фармацевти низ целата земја во периодот од 2015 до 2021 година, објави Медиапарт.
Таа фирма во јануари годинава веќе беше осудена за прекршување на законот за давање подароци.
Фирмин Ле Бодо ја презеде функцијата министер за здравство во средата, откако поранешниот министер Орелиен Русо поднесе оставка поради контроверзниот закон за имиграција.