По неколку други европски земји, како Англија и Данска, француската влада во средата започна со укинување на некои ограничувања за пандемијата на Ковид-19, одлука што предизвикува поделби во контекст на сè уште тензичната здравствена ситуација.
Франција започнува со укинување на мерките само неколку часа откако Pfizer-BioNTech објави дека ќе бара итно одобрување во САД за употреба на вакцина против Ковид-19 за деца на возраст од шест месеци до 4 години.
Доколку Американската агенција за лекови (ФДА) даде зелено светло, тоа ќе биде дополнителна алатка за заштита од коронавирусот бидејќи тој циркулира особено брзо во училиштата.
Фајзер бара од американската влада вакцинирање на возраст под пет години
Во француските училишта само 4 отсто од децата на возраст од 5 до 11 години се вакцинирани.
Маските веќе не се задолжителни надвор, како и работа на далечина…
Претседателот Емануел Макрон рече дека сака, доколку трендовите останат како што се сега, во февруари и март да се олеснат мерките во училиштата. Тоа прашање ќе се најде на дневен ред на штабот за борба против пандемијата во среда.
Во очекување на таа одлука, Французите од среда повеќе нема да мораат да носат маски на отворени простори, а далечинската работа веќе не е наметната, туку само се препорачува.
Од 16 февруари, диско клубовите – кои се затворени од 10 декември – ќе можат повторно да се отворат и повторно ќе бидат дозволени концерти.
И во Шпанија започнува отворањето на диско клубови и други места за ноќен живот. Ова прво ќе се случи во Каталонија, на 11 февруари, по речиси два месеци.
Норвешката влада во вторникот објави крај на мерките против Ковид, оценувајќи дека општеството треба и мора „да живее со вирусот“.
СЗО предупредува дека е премногу рано да се прогласи победа над пандемијата
Директорот на Светската здравствена организација (СЗО) во вторникот предупреди дека е премногу рано да се прогласи победа над пандемијата или да се укинат мерките за запирање на ширењето на вирусот.
„Прерано е за која било земја да прогласи победа“, му рече Тедрос на Адан Гебрејесус на прес-конференција, загрижен за големиот број на смртни случаи во некои региони во светот.
Шефот на СЗО за вонредни ситуации Мајкл Рајан стравува дека некои земји би можеле, поради политички притисок, да имитираат други влади кои ги ублажуваат мерките, не земајќи ја предвид сопствената ситуација кога станува збор за здравјето или вакцинацијата.
Во Франција, лекарите се поделени кога станува збор за укинување на ограничувањата.
Некои, како што е Џилалил Анан, шеф на интензивна нега во болницата Рејмон-Поанкаре во Гарш, во близина на Париз, велат дека „циркулацијата на вирусот е сè уште исклучително висока“, додека други велат дека билансот на придобивките и ризиците сега се движи кон враќање до нормален живот.