Франција тврди дека не побарала коридори за хуманитарна помош кон Русија и Белорусија

Сподели со своите пријатели

Франција не побарала отворање на хуманитарни коридори во Украина кон Русија и Белорусија, соопшти во понеделникот кабинетот на францускиот претседател, инсистирајќи на потребата да се „почитува меѓународното право“, особено кога станува збор за заштита на цивилите.

Во понеделникот наутро, Украина ги отфрли хуманитарните коридори предложени од Москва за насочување на цивилите кон Белорусија и Русија, велејќи дека тоа „не е прифатлива опција“.

 

Русија ја прогласи Македонија за непријателска држава – на листата над 20 земји

 

Еден ден по телефонскиот разговор меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот руски колега Владимир Путин, Елисејската палата повтори дека Париз, „како и другите сојузници и партнери, бара прекин на руската офанзива“.

Но, „додека офанзивата продолжува бидејќи Русите одбиваат да ја прекинат“, треба да се почитува меѓународното хуманитарно право, да се заштитат цивилите и да се испрати помош, се додава во соопштението.

Макрон му рекол на Путин дека „ова значи дека мора да се организира заштита на цивилите и дека мора да се дозволи хуманитарен пристап“, рече неговиот советник, истакнувајќи дека „Русија е во војна во Украина, а не Украина во Русија“.

 

Украина ги отфрли коридорите кон Русија и Белорусија

 

Елисејската палата нагласува дека Макрон не побарал хуманитарните коридори да бидат отворени за Русија.

Руската војска во понеделник објави прекин на огнот за евакуација на цивилите од украинските градови Харков, Киев, Мариупол и Суми. Кога станува збор за Киев, коридорот ќе биде отворен кон север, односно кон белорускиот град Гомел, недалеку од украинската граница.

„Ова не е прифатлива опција“, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.

Руската војска тврди дека одлуката е донесена по „личното барање“ на Емануел Макрон до рускиот претседател.

Во последните денови не успеаја два обиди за евакуација на цивили од опколеното пристаниште Мариупол. Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за кршење на условите за евакуација.

Третата рунда преговори меѓу Украина и Русија е закажана за денеска.