Францускиот министер за европски прашања Клемент Бон денеска повика на забрана на руските државни канали „Раша тудеј“ и „Спутник“ во ЕУ, велејќи дека тоа е „апсолутно неопходно“.
Бон на француското радио Европа 1 рече дека „нема проблем“ со забраната на овие канали бидејќи тие шират пропаганда.
Ваков потег вчера најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Бон рече и дека „Русија постепено се исклучува од остатокот од светот, особено економски“, што, како што наведе, „ќе има исклучително тешки последици“.
„Да бидеме свесни за нашата сила… На Русија и треба остатокот од светот“, додаде тој.
Руската инвазија на Украина стана клучно прашање во кампањата за претседателските избори во Франција, кои ќе се одржат на 10 и 24 април.
Францускиот премиер Жан Кастек денеска ќе разговара за конфликтот со сите претседателски кандидати.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој се очекува да се кандидира за втор мандат иако сѐ уште официјално не ја објавил својата кандидатура, денеска ќе има специјална средба за Украина.