Годишната стапка на инфлација во Франција, според првата прелиминарна проценка, се зголеми во февруари од јануарските 0,3 проценти на еден процент, првенствено поради ефектите од ниската ценовна основа на електричната енергија од претходната година, објави денес Националниот институт за статистика и економски истражувања (Insee).
Организацијата забележува дека цените на енергијата се намалиле за три проценти на годишно ниво во февруари, со значително побавно темпо во споредба со јануарските 7,6 проценти, што придонесе за раст на вкупната инфлација, објавува „Фигаро“.
Во исто време, цените на храната во Франција се зголемија за 2,1 процент на годишно ниво, забрзувајќи во споредба со 1,9 проценти во јануари, а цените на услугите за 1,8 проценти во споредба со јануарските 1,7 проценти.
На месечна основа, потрошувачките цени се зголемија за 0,7 проценти во февруари, откако паднаа за 0,3 проценти во јануари.
Растот главно се должи на сезонското зголемување на цените на транспортните услуги, како и на зголемувањето на цената на индустриските производи по завршувањето на сезонската распродажба на облека и обувки.
Годишната инфлација во Франција, мерена според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), се зголеми од јануарските 0,4 проценти на 1,1 процент, се додава во соопштението, пренесува Танјуг.

