Официјален Париз се сомнева во злоупотреба на европските средства во корист на палестинското милитантно движење Хамас и го повикува официјален Брисел да покрене истрага за тоа, изјави францускиот министер за европски прашања Бенџамин Хадад.
„Неодамна бев информиран дека постојат сомневања дека од 2020 година Хамас врши контрола врз невладините и меѓународните организации што работат на палестинските територии“, напиша Хадад во писмо до високиот комесар на ЕУ за надворешни работи Каја Калас.
Хадад побара од Европската комисија (ЕК) целосно да фрли светлина врз можноста средствата наменети за невладините организации да биле пренасочени кон палестинската милитантна група Хамас, објави Фигаро.
Во писмото што го упати до европските комесари Дубравка Шуица, Мајкл Мекграт и Магнус Брунер, Хадад потсетува дека ЕУ е финансиер на некои од хуманитарните организации на палестинските територии, како што се CESVI, Handicap International, Норвешкиот совет за бегалци и Меѓународниот медицински корпус.
„Оваа информација е од голема загриженост бидејќи се однесува на интегритетот на европското финансирање и заштитата на европските даночни обврзници кои мора да бидат сигурни дека нивните придонеси се користат исклучиво за хуманитарни цели“, напиша Хадад во писмото до ЕК.
Минатиот мај, Хадад веќе побара од Брисел да ги заостри контролите врз европското финансирање за да се спречи европските пари да стигнат до актери поврзани со антисемитизам или исламизам.
Покрај барањата за транспарентност и воведување оперативни алатки што овозможуваат подобра контрола на паричните текови, Франција, исто така, се залага за воведување посилен механизам за суспендирање на одредени финансиски проекти во случај на потреба од такви мерки.
„Соочени со постојани кршења на правата и европските вредности од трети страни, ЕУ, нејзините агенции и оператори, како и земјите-членки, мора да ја удвојат својата будност“, предупреди Хадад.

