По парламентарните избори одржани во Молдавија, на кои победи проевропската Партија за акција и солидарност (ПАС), претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес на својот профил на социјалните мрежи објави дека ја пофалила европската посветеност на земјата.
„Молдавија, повторно успеа. Ниту еден обид за ширење страв или поделба не можеше да ја скрши вашата решителност. Јасно го направивте вашиот избор: Европа. Демократија. Слобода. Нашите врати се отворени и ние ќе стоиме покрај вас на секој чекор. Иднината е ваша“, рече фон дер Лајен во соопштението на Х.
На парламентарните избори во Молдавија одржани во недела, владејачката молдавска проевропска Партија за акција и солидарност (ПАС) освои 46 проценти од гласовите, објави Централната изборна комисија откако беа преброени повеќе од 90 проценти од гласовите.
Прорускиот Патриотски блок доби 27 проценти поддршка од гласачите, што беше потврдено од молдавската ЦИК, објави Ројтерс претходно.
Еден од лидерите на опозицијата, Игор Додон, прогласи победа пред да почнат да пристигнуваат резултатите и повика на протести пред парламентот денес.
Централната изборна комисија претходно објави дека повеќе од 1,59 милиони гласачи, или околу 51,9 проценти од регистрираните гласачи, го дале својот глас, вклучувајќи 264.000 Молдавци на гласачките места во странство.