Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се обидува да организира средба со новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп на Флорида пред неговата инаугурација, објави Блумберг, повикувајќи се на неименувани извори.
Според изворите на агенцијата, претставниците на ЕУ и помошниците на Трамп веќе воделе преговори, но се уште не се знае дали посетата ќе биде можна до 20 јануари.
Обидите да се договори средба ги попречува и тоа што Фон дер Лајен по празниците сè уште не се вратила од Германија во Брисел, каде закрепнува од пневмонија.
Претставниците на ЕУ се уште се обидуваат да воспостават постојани канали за комуникација со високи функционери во новата американска администрација.
Трамп претходно постојано се жалеше дека Европа лошо се однесува кон САД и најави дека ќе воведе царини за сите увозни производи во САД и ќе побара зголемување на трошоците за одбрана.
Во четвртокот вечерта, Фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта објавија идентични пораки во кои велат дека се посветени на зајакнување на трансатлантската врска.
„Очекуваме позитивен ангажман со новата американска администрација заснован на споделени вредности и заеднички интереси. Во суров свет, Европа и САД се посилни заедно“, велат тие во нивните објави на платформата X.
Фон дер Лајен имаше особено блиски односи со претседателот во заминување Џозеф Бајден, неколку пати ја посети Белата куќа за да ја координира политиката за Украина и Кина.
Сега властите се загрижени дека Трамп би можел да ја повлече американската помош за Украина и да ја отвори комуникацијата со Русија, според Блумберг.
Трамп ја пречека италијанската премиерка Џорџа Мелони во неговата вила Мар-а-Лаго на Флорида за време на викендот.
Новоизбраниот американски претседател се сретна и со унгарскиот премиер Виктор Орбан и отпатува во Париз на церемонијата на отворање на катедралата Нотр Дам, каде што се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон.