Говорејќи во Брисел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го осуди Владимир Путин за „враќање на војната во Европа“.
Таа најави дека подоцна ќе биде предложен пакет „масивни“ санкции.
И Британија ги најави најсилните санкции досега.
Украинската армија денеска соопшти дека соборила пет руски авиони и еден хеликоптер во областа Луганск, што Русија го демантира.
Амбасадорите на НАТО утрово ќе одржат итна седница, изјави за Ројтерс неименуван претставник на Северноатлантската алијанса, откако Русија ја нападна Украина.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг побара од Русија веднаш да ја прекине воената акција и да го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Најмалку осум лица загинаа, а девет се ранети при руското гранатирање во Украина, изјави советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, во моментот кога од Киев пристигнуваат информации дека се евакуираат голем број граѓани.