Европа отсекогаш била и ќе биде проект на мирот, но за да се зачува мирот потребна е сила, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Во интервју за „Кориере дела сера“, таа рече дека планот за вооружување на Европа, сега познат како „Подготвеност 2030“, „ги разгледува различните димензии на безбедноста и алатките за одржување на мирот“.
„Подготвеноста 2030 е огромен инвестициски план во иновации, во истражување и развој, во иновативни стартапи. Тоа е инвестициска програма која ќе го зголеми просперитетот“, нагласи фон дер Лајен.
Таа додаде дека тоа ќе биде од корист и за италијанската економија и општество, бидејќи земјата, според Фон дер Лајен, има силна одбранбена индустриска база, пренесува Танјуг.
Фон дер Лајен тврди дека САД остануваат близок европски сојузник, изразувајќи уверување дека алијансата ќе продолжи и покрај различните ставови.
„Имаме различни ставови за одредени прашања, на пример за трговијата, но имаме и заеднички вредности и силни заеднички интереси. Верувам во конструктивен дијалог и напорно работам на тоа“, рече таа.
Таа додаде дека мисли дека е добро што италијанската премиерка Џорџа Мелони има позитивен однос со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Колку повеќе врски има меѓу двете страни на Атлантикот, толку подобро“, рече Фон дер Лејен.