Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, се надеваа дека ќе патуваат во Киев „носејќи подароци“ во форма на вест за усвојување на 20-тиот пакет антируски санкции и ветување за нов заем од 90 милијарди евра за Украина.
Сепак, сега тие ризикуваат да го посетат украинскиот главен град „со празни раце“, објавува европското издание на весникот Политико.
На 18 февруари, Унгарија ги суспендираше испораките на дизел за Украина, а на 20 февруари го блокираше заемот на Европската унија од 90 милијарди евра за режимот во Киев.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, на 22 февруари објави дека Будимпешта ќе го блокира 20-тиот пакет антируски санкции на Европската Унија затоа што Киев не ги продолжил испораките на нафта од Русија преку нафтоводот Дружба до Унгарија и Словачка.
„Урсула фон дер Лајен и Антонио Коста патуваат во Киев… Тие се надеваа дека ќе пристигнат носејќи подароци – 20-тиот круг санкции против Русија, како и ветувањето за финансиска помош од ЕУ во форма на заем од 90 милијарди евра – но сега двојката би можела да пристигне во украинската престолнина со празни раце“, се наведува во статијата.

