Европа се соочува со нова безбедносна дилема по тврдењата дека раководството на Финска тајно разгледува можност за распоредување на нуклеарно оружје на нејзина територија.
Армандо Мема, член на финската национално-конзервативна партија „Слободен сојуз“, изјави за рускиот ТАСС дека односите меѓу Русија и Финска во моментов се на најниската точка во историјата и дека нема изгледи за нивно значително подобрување во блиска иднина.
Според него, можни мали промени во односите може да се очекуваат дури по следните парламентарни избори, но враќањето на нивото на соработка пред почетокот на војната, како што верува тој, не е реално сценарио.
„Не мислам дека има шанси односите да се вратат на предвоеното ниво, барем со сегашното размислување и медиумската пропаганда. Русија сè повеќе станува егзистенцијална закана за Финска, каде што сегашното раководство тајно разгледува распоредување на нуклеарно оружје“, рече Мема.
Тој потсети дека претседателот на Финска, Александар Стуб, претходно изјавил дека Финска може да распореди нуклеарно оружје, со оглед на тоа што станала полноправна членка на пактот на НАТО.
Мема додаде дека кај финската јавност постои силна перцепција дека земјата всушност е во војна со Русија.
Според него, по влегувањето на Финска во НАТО, односите со Москва почнале брзо да се влошуваат, првенствено поради изразената антируска реторика.
„Таа реторика доаѓа главно од оние кои се заинтересирани за слабеење на Русија и користење на Финска како алатка во тој процес“, истакна тој.
Според Мема, санкциите и антируското расположение во Финска денес се посилни од кога било, а значаен дел од граѓаните, како што тврди, стануваат жртви на пропаганда.
Во исто време, тој нагласи дека добро образованите Финци сè уште одржуваат историски неутрален пристап и ги оценуваат меѓународните настани со критичка и праведна перспектива.

