Градоначалникот на Куманово и лидер на Движењето ЗНАМ – За наша Македнија , Максим Димитриевски, даде најава за широка соработка со коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ во повеќе општини низ државата, во пресрет на претстојните локални избори.
– Куманово и Центар веќе се, според мене, решени, изјави Димитриевски, сугерирајќи дека договорот за овие две општини е веќе постигнат.
Во однос на останатите општини, Димитриевски информира дека разговорите сè уште траат и дека се работи на поширок договор за поддршка на кандидатите.
– Разговараме за поголем пакет на поголем број на општини, каде што нашиот коалиционен партнер во владата, ВМРО-ДПМНЕ, со нивните коалициони партнери, би дале поддршка на нашите кандидати во тие општини“, рече тој.
Истовремено, движењето ЗНАМ ќе возврати со поддршка во оние општини каде што нема свои кандидати за градоначалници.
– Членството на ЗНАМ и нашите поддржувачи би дале поддршка на нивните кандидати во останатите општини каде што ќе немаме свој кандидат за градоначалник, вклучувајќи го и градоначалникот на Град Скопје, посочи Димитриевски.
Во однос на советничките листи, лидерот на ЗНАМ истакна дека ќе настапат самостојно.
– Во однос на советничките листи, сите ние настапуваме поединечно или, во овој случај, ЗНАМ ќе има советнички листи во сите општини каде што има општинска организација. Дополнително, можеби и во некои каде што немаме општинска организација имаме заинтересирани поддржувачи коишто би биле кандидати и би спровеле постапка на кампањата, рече тој.
Димитриевски не сакаше да открие конкретна бројка на општини каде што ќе се кандидираат нивни претставници, но потенцираше дека секоја општина има своја специфичност.
– Не е исто да сте кандидат во една рурална општина којашто е најголема по територија во државата, а има мал број на население, или да сте кандидат во една урбана општина каде што има нешто поголемо население, многу помала територија. Секогаш тие поголеми со територија имаат и многу поголеми комунални проблеми, вели тој.
Димитриевски истакна дека моментално не сака да шпекулира со бројки, но дека постои сериозен интерес и динамика во подготовките за изборната трка.
Никола Ивановски