Во средината на оваа седмица, во среда и четврток (11 и 12 мај 2022), во Занаетчиски дом – Куманово ќе се одржи работилница за филмска критика.
Работилниците, именувани “Матрица”, ќе бидат менторирани од Сунчица Уневска и Гена Теодосиевска, во организација на “Аквариус” – Скопје и под слоганот “Се гледаме во матриксот”.
Првиот ден (среда, 11 мај) активностите ќе се 16:00-18:30 часот. Ќе биде проектиран филмскиот класик од 1955 година “Бунтовник без причина”, режиран од Николас Реј, со Џемс Дин и Натали Вуд во главни улоги. По проекцијата, меѓу учесниците ќе има дебата и разговор за значењето на филмската критика и критичката мисла, воопшто.
Утредента (четврток, 12 мај) ќе има дополнителна средба 16-17 часот, со очекуван зголемен број на учесници и поразвиена и надоградена дискусија, надоврзувајќи се на работата од првиот ден.
Организаторите се надеваат дека работилниците ќе резултираат со филмски осврти и рецензии, кои ќе може да бидат објавени во печатени и онлајн медиуми.
Самите работилниците ќе бидат водени од личности со долгогодишно искуство во и околу филмот.
Сунчица Уневска, како новинарка и филмска критичарка, има работено 16 години во (сега згаснатиот) “Утрински весник” и објавувано за “Кинопис”. Уредник е на месечникот “ФИЛМ+”, кој излегува секоја втора сабота во месецот како додаток на дневниот весник “Нова Македонија”. Авторка е и на книгите: “Седмиот печат” (2015), “Македонска сага” (2019), “Филмски великани 2020” и “Дух во школка” (2021). Таа е членка е на меѓународната федерација на филмски критичари – FIPRESCI, и изминативе две декади постојано известува од европски и светски филмски фестивали.
Гена Теодосиевска како новинар и критичар работи од 1985 година и е, исто така, членка на FIPRESCI. Моментално, во втор последователен двегодишен мандат, го раководи Меѓународниот фестивал на филмска камера “Браќа Манаки” – Битола.