Вкупната бројка до 12 часот на заболени од коронавирус во земјава е 85, од кои до пладне денеска се регистрирани 9 нови случаи, соопшти на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче .
– Според местото на живеење, регистрирани се случаи во 6 градови, а тоа се Скопје, Дебар, Гостивар, Кавадарци, Штип и Охрид. Што се однесува до состојбата на пациентите на Инфективната Клиника, тие се во непроменета состојба. Најтешката пациентка на респираторна машина е во непроменета состојба во однос на вчерашниот ден, тројца од пациентите се со потешка форма на пневмонија, а другите пациенти се со полесна клиничка слика. Пациентите коишто се во домашно лекување се во секојдневна, постојана комуникација со инфектолозите од Клиниката, нивната клиничка слика е сосем лесна, значи нивното лекување може да се спроведе во домашни услови. Стабилна и лесна, добра клиничка форма имаат и пациентите кои се лекуваат во Дебар“, потенцираше министерот Филипче.
Здравствените работници се целосно мобилизирани, во секоја јавно-здравствена установа е направен систем на ротација на лекарите. Се третираат само итните и малигните случаи. Се прават распореди на стручните колегиуми за текот на денот, начинот на којшто ќе се прави проценка и спроведување на оперативните програми.
„Од денеска е во функција и call центарот во Здравствениот дом во Скопје со цел да се зголеми капацитетот на телефонските линии, а од понеделник ќе функционираат и двата пункта за земање на брисеви, материјали во Поликлиниките во Јане Сандански и Чаир, кадешто веќе е распределен стручен кадар. Денеска заврши и координативниот состанок со Здружението на матичните лекари кои ќе бидат вклучени во системот на закажување, преку системот Мој Термин, а после јавување на нивните пациенти кои ги избрале за матичен лекар. Од понеделник, освен на телефонските линии за информации во Центрите за јавно здравје, во call центарот пациентите ќе можат да се јават и кај матичните лекари за да се закаже – доколку се постави индикација според електронскиот алгоритам којшто матичните лекари дотогаш ќе го имаат – да се закаже земање на материјал во еден од двата пункта“, рече министерот Филипче.
Министерот Филипче информираше дека денеска е завршена јавната набавка на респираторни машини, иако се успеа да се постигне релативно комерцијална цена од 16 илјади евра (земајќи ја побарувачката на светскиот пазар поради пандемијата), ниту еден економски оператор не можеше да го задоволи критериумот за итна набавка поради тоа постапката во тој дел ќе се поништи. Министерството за здравство ќе даде предлог до Владата да ја спроведе истата.
„Сакам да кажам дека и сега состојбата со респираторни машини е добра. Имаме 120 респираторни машини на располагање. Спремни се капацитетите и на инфективната клиника и во болницата „8 Септември“. Светските искуства покажуваат дека многу мал процент од пациентите, на 5% од пациентите им е потребна респираторна поддршка“, изјави министерот Филипче и додаде дека на денешниот утрински состанок со Комисијата за заразни болести се разговарало за дополнителни мерки коишто би требало да се воведат.
Комисијата за заразни болести го спреми предлогот и тој ќе биде дискутиран на денешната попладневна седница на Владата во 18:00 часот, по што јавноста ќе биде информирана.