Mинистерот за здравство, Венко Филипче, денеска беше во посета на Општата болница во Куманово, каде што се пушти во употреба новата медицинска опрема која за потребите на оваа здравствена установа ја обезбеди Министерството за здравство.
Станува збор за ендоскопски столб и видео ларингоскоп кои наоѓаат примена во интервенции на повеќе типови заболувања.
„Континуирано вложуваме во современа медицинска апаратура, со што обезбедуваме точна и прецизна дијагностика и соодветен третман на пациентите. Ги подобруваме условите во установите, ги зајакнуваме бројноста и капацитетите на здравствените работници. Со ваков влог, секојдневно придонесуваме кон унапредување на здравствената заштита на пациентите. Двата нови медицински апарати за Општата болница во Куманово ќе овозможат навремена здравствена заштита за граѓаните на Куманово и попрецизна изведба на интервенциите за кои се наменети ендоскопскиот столб и видео ларингоскопот“, истакна министерот Филипче.
Ендоскопски столб се користи за повеќе видови ендоскопски интервенции, како лапароскопски операции на жолчно ќесе, но и за гинеколошки лапароскопски интервенции и за артроскопски интервенции кај ортопедски пациенти.
„Новиот столб е пософистициран, со подобра и попрецизна визуализација на телесните шуплини каде се врши интервенцијата. Наша придобивка е што истовремено, во две операциони сали ќе може да се вршат лапароскопски операции, наместо да се чека и еден апарат да се пренесува од една во друга операциона сала“, рече директорката на болницата д-р Снежана Захариева.
Видео ларингоскопот е наменет за одделот за анестезија и реанимација. Се користи за полесно обезбедување на дишен пат кај пациенти под општа анестезија и кај животозагрозувачки пациенти со компромитирано дишење.