Водечкиот американски имунолог Ентони Фаучи изјави денеска дека поддржува вакцинацијата да биде задолжителна за учениците, бидејќи делта сојот на коронавирусот се шири низ Америка.
– Верувам дека задолжителната вакцинација на децата од училишна возраст е добра идеја. Ова го правиме со децении, кога станува збор за вакцинација против детска парализа, сипаници, заушки, рубеола, хепатитис – рече Фаучи за Си – Ен – Ен.
Во моментов, децата под 12-годишна возраст не можат да ја добијат вакцината во САД, но Фаучи во неодамнешното интервју за АБЦ рече дека до октомври ќе се соберат доволно податоци за Американската администрација за храна и лекови (ФДА) да разгледа дали вакцината е безбедна за деца под 12-годишна возраст.
– Верувам дека постои реална шанса вакцините на компаниите Фајзер/Бајонтек и Модерна да добијат одобрување од ФДА за деца под 12 години, пред да започне сезоната на празници – додаде Фаучи, пренесува Ројтерс.
Бидејќи училиштата се отвораат наесен, зголемувањето на бројот на случаи на „Ковид“ предизвикува значителни одложувања.
Десетици училишта во САД веќе го одложија почетокот на учебната година или беа затворени во август, а најголемиот удар врз образовните институции е на југот на земјата, каде што има најмногу заразени, наведува Ројтерс.

