Германската мултинационална фармацевтска компанија Баер го прекина рекламирањето и инвестициите во Русија и Белорусија, но нема да го прекине снабдувањето со есенцијални лекови, соопштено е денеска.
„Како одговор на руската инвазија на Украина, Баер ги суспендираше сите инвестиции во Русија и Белорусија кои не се поврзани со обезбедување на основни производи за здравјето и земјоделството“, се вели во соопштението на Баер.
Како што се додава, тоа значи суспензија на секакво рекламирање и сите промотивни активности, суспендирање на сите проекти од капитални инвестиции на неопределено време, како и прекин на потрагата по нови деловни можности.
„Војната покренува морални и етички прашања за секоја компанија. Сметаме дека оваа бесмислена војна веќе однесе премногу животи“, велат од Баер.
„Свесни сме за повиците целосно да ја прекинеме испораката на сите наши производи во Русија и Белорусија. Но, како компанија посветена на спасување животи, имаме етичка обврска во секоја земја во која работиме. Суспендирањето на снабдувањето со сите основни и земјоделски производи за цивилното население – како што се лекови за рак или срцеви заболувања, здравствени производи за бремени жени и деца и семиња потребни за одгледување храна – само ќе го зголеми бројот на жртвите на војната“, се додава во соопштението.