Facebook го исполни ветувањето и тргна во вистинска пресметка со лажните вести кои се појавуваат на социјалната мрежа. Стнува збор за алатка која на секој корисник ќе му алармира доколку нешто не е во ред или е сомнително со некоја вест. Тоа ќе помогне во филтрирањето на вестите кои служат за ширење паника, пропаганда или да манипулираат на некој начин.
„Соработувавме со Full Fact, експерти од Велика Британија на тоа поле и креиравме алатка која ќе помогне да се отстрани големиот проблем. Свесни сме за штетата што ја прават лажните вести и одлучивме еднаш засекогаш да ставиме крај на тоа“ се вели во соопштението на Facebook.
Ова е голем чекор напред затоа што пред четири месеци извршниот директор на Facebook, Марк Цукерберг, кажуваше други податоци.
„Само 1% од вестите кои се на Facebook се лажни, а 99% се автентични. Покрај тоа, лажните вести не се лимитирани само на една страна и затоа многу тешко дека нешто такво може да влијае на резултатот на претседателските избори. Секако, тоа не значи дека Facebook не е загрижен поради измамите и не ми е драго кога не споменуваат во негативно светло. Сепак, моќта на Facebook е во тоа што секој контролира што гледа, а што не сака да гледа” изјави Цукерберг по обвиненијата дека лажните вести на социјалната мрежа придонеле за резултатите на изборите во САД.
За среќа, Цукерберг сфатил дека мора да реагира затоа што и тие 1% лажни вести може да направат исклучителна штета. Доказ за тоа се изборите во САД на крајот на минатата година. На пример, веста дека папата Фрањо одлучил да го поддржи Трамп одекнала на Facebook и е споделена повеќе од милион пати, а прочитана е неколку десетици милиони пати само на Facebook.