Европските акции денеска продолжија да паѓаат четврта по ред трговска сесија, бидејќи инвеститорите се загрижени за влијанието на ескалацијата на руско-украинскиот конфликт и решеноста на централните банки да ја скротат инфлацијата на сметка на економскиот раст и корпоративниот профит.
Паневропскиот индекс STOXX 600 до 7:08 часот по средноевропско време се намали за 0,6 отсто, достигнувајќи го најниското ниво од 3 октомври, пренесува Ројтерс.
Во последните четири трговски сесии, овој индекс потона за повеќе од 3,0 отсто поради стравувањата на пазарните учесници дека водечките централни банки во светот, пред се Федералните резерви на САД (ФЕД), ќе продолжат со агресивно зголемување на каматните стапки за да ја ограничат инфлацијата.
Тие стравови се интензивираа откако податоците покажаа висока отпорност на американскиот пазар на труд во септември, со што ги уништија надежите за неизбежен пресврт во монетарната политика на ФЕД.
Американското Министерство за труд објави во петокот вечерта дека американските работодавци додале 263.000 нови работни места во септември и дека стапката на невработеност паднала на 3,5 отсто, додека економистите предвидувале дека ќе биде 3,7 отсто.
Сите секторски подиндекси во рамките на индексот STOX 600 беа на надолна траекторија во почетокот на тргувањето, предводени од пад од 1,4 отсто на технолошките акции.
Акциите на производителите на чипови, вклучувајќи ги Infineon и BE Semiconductor, загубија меѓу 1,0 и 2,0 отсто, откако Вашингтон објави сет на мерки за контрола на извозот, вклучително и забрана за одредени чипови од кинески компании произведени насекаде во светот со употреба на американска опрема.
Од друга страна, акциите на Renault скокнаа за 4,4 отсто по извештајот на Ројтерс дека Nissan Motor врши притисок врз својот француски партнер да го намали својот удел во јапонската компанија колку што е можно повеќе и може да размисли за собирање средства за откуп на акции.