ЕУ најави дека има намера да започне со испорака на оружје за Украина и ова ќе биде првпат во историјата да се одлучат на ваков чекор.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференцијата го опиша овој потег како пресвртница, пренесува Би-би-си.
Таа најави и нови санкции против Русија и Белорусија, вклучително и затворање на воздушниот простор за сите руски авиокомпании.
– Прво, го затвораме воздушниот простор на ЕУ за авиони во руска сопственост, регистрирани во Русија или под руска контрола. Тие нема да можат да слетаат, полетуваат или летаат над територијата на ЕУ, вклучително и приватни авиони на олигарси.
Таа додаде дека ќе ја „забрани медиумската машина на Кремљ во ЕУ“.
– Државните Russia Today и Sputnik и нивните филијали повеќе нема да можат да ги шират своите лаги за да ја оправдаат војната на Путин. Развиваме алатки за забрана на нивните токсични и штетни дезинформации во Европа – рече Фон дер Лајен.
Таа во својот говор додаде дека Европската комисија „ќе воведе рестриктивни мерки против нивните најважни сектори, намалувајќи го нивниот извоз на производи од минерални горива до тутун, дрво, цемент, железо и челик“.
Таа потоа додаде дека украинските бегалци ќе бидат добредојдени во земјите на ЕУ.
– Ги поздравуваме со раширени раце оние Украинци кои треба да побегнат од бомбите на Путин и горда сум на топлото добредојде што им го приредија Европејците – рече таа.
Различни европски земји, вклучително и Чешка, Словенија и балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија, веќе одлучија да го затворат својот воздушен простор за руските авиокомпании.
Обединетото Кралство донесе слична одлука.