Европската комисија (ЕК) предложи измени во законот, така што земјите-членки можат да депортираат мигранти кои немаат право на азил во Европската Унија во трети земји со кои немаат врски, што е остро критикувано од организациите за заштита на човековите права.
„Ревидираниот концепт за безбедна трета земја е уште една алатка што им помага на земјите-членки поефикасно да ги обработуваат барањата за азил, а воедно целосно да ги почитуваат вредностите и основните права на ЕУ“, рече комесарот за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер.
Статусот на безбедна трета земја им овозможува на земјите-членки да одбијат барање за азил ако барателот може да добие ефикасна заштита во земја што се смета за безбедна.
Според сегашните правила, за да може да се примени овој концепт, потребно е да се докаже дека постои некаква врска помеѓу подносителот на барањето и безбедна трета земја, на пр. дека има роднини во таа земја или дека работел или студирал таму.
Извршното тело на Европската Унија сега предлага утврдувањето на таа врска да биде опционално, што би го забрзало враќањето на мигрантите.
Доволно и транзитно
Исто така, сугерира дека транзитот низ трета земја преку која мигрантот дошол во ЕУ може да се смета за доволна врска за примена на концептот на безбедна трета земја.
Во случаи кога не може да се воспостави врска или транзит, концептот може да се примени кога постои договор со трета земја.
Европската комисија, исто така, предлага жалбите засновани на концептот на безбедна трета земја автоматски да не ја запираат депортацијата.
Според правото на Европската Унија, третите земји можат да се сметаат за безбедни кога исполнуваат голем број услови, како што се заштита од присилно враќање на барател на азил во земја каде што би можел да се соочи со прогон, дека не постои реален ризик од сериозна штета и закани по животот и слободата поради раса, религија, националност, членство во социјална група или политичко мислење.
Предлогот на ЕК беше остро критикуван од Амнести Интернешнл, невладина организација за заштита на човековите права, оценувајќи дека станува збор за „циничен обид“ за намалување на правата на барателите на азил.
„Со тоа што им дозволуваат на земјите-членки на ЕУ насилно да ги испраќаат барателите на азил во земји со кои немаат никаква врска, без можност за жалба, тие претставуваат циничен обид да се намалат правата на барателите на азил и да се избегне одговорноста за заштита на бегалците“, изјави Оливија Сандберг Диез, портпаролка на Амнести Интернешнл за миграција и азил.