Шпанскиот министер за социјални права и потрошувачка, Пабло Бустиндуј, во среда објави дека земјата ќе ја забрани продажбата на енергетски пијалоци на лица под 16 години, како и на лица под 18 години ако станува збор за пијалаци со повеќе од 32 милиграми кофеин на 100 милилитри, поради штетните ефекти врз здравјето на младите луѓе.
Бустиндуј, како што објави EFE, изјави дека енергетските пијалоци „станаа закана за здравјето на младите луѓе“, нагласувајќи дека нивната прекумерна консумација доведува до нарушувања на спиењето, промени во однесувањето и кардиоваскуларни заболувања.
Според него, забраната ќе се прошири на лица под 18 години кога станува збор за пијалоци со повеќе од 32 милиграми кофеин на 100 милилитри.
– Ќе го донесеме овој пропис со најефикасен правен инструмент за да стапи во сила во најкраток можен рок – рече Бустиндуј, без да го прецизира датумот на почеток на спроведувањето.
Шпанскиот министер, исто така, оцени дека станува збор за мерка што „ужива широка општествена поддршка“, повикувајќи се на податоците од Шпанската агенција за безбедност на храната и исхрана (AESAN), според кои девет од десет шпански граѓани ја поддржуваат забраната, нагласувајќи дека поддршката кај младите на возраст од 18 до 35 години е 88,3 проценти.
Истражувањето покажува дека околу 25 проценти од испитаниците консумираат енергетски пијалоци, во просек двапати неделно, додека речиси половина од оние што ги пијат ги консумираат барем еднаш дневно, а 47 проценти редовно ги мешаат со алкохол.
Новата регулатива ќе се надоврзе на веќе постоечката забрана за продажба на енергетски пијалоци во училиштата низ Шпанија, претходно иницирана од Министерството за потрошувачка.
Во извештајот на AESAN од 2021 година се наведува дека прекумерното внесување кофеин може да предизвика несакани ефекти, вклучувајќи нарушувања на спиењето, психолошки ефекти, промени во однесувањето и кардиоваскуларни нарушувања.

