Европол: Во Украина е уапсен водач на позната хакерска група

Сподели со своите пријатели

Во заедничка операција на полициите на Украина, Франција, Германија, Норвешка и САД, уапсен е водачот на хакерска група која оперира од Украина и е одговорна за сајбер напади чија цел била да изнуди стотици милиони евра од нејзините жртви.

Loading...

Ова денеска го соопшти Европската полициска служба (Европол).

Полицијата синоќа извршила рација во 30 имоти во западна и централна Украина, соопшти Европол, со седиште во Хаг.

При таа акција уапсен е 32-годишен маж за кој се сомнева дека е водач на бандата, како и четворица соучесници.

Повеќе од 20 истражители од Франција, Германија, Норвешка и САД се распоредени во Киев за да им помогнат на локалните полициски и судски власти.

„Во невиден напор, полициските и судските власти од седум земји ги здружија силите со Европол и Еуроправда за да ги разбијат и уапсат клучните личности зад големите хакерски операции во Украина“, се вели во соопштението.

Таа група хакери нападна организации во 71 земја, заразувајќи околу 250 сервери што доведе до финансиска загуба од неколку стотици милиони евра.

„Овие хакери се познати по тоа што конкретно ги таргетираат големите компании и ги оневозможуваат нивните активности“, се додава во соопштението на Европол.

Loading...