Премиерот на Словенија, Јанез Јанша, денеска изјави дека Европската унија нема да отвори ниту еден хуманитарен или миграциски коридор за Авганистан, како и дека нема да дозволи повторување на мигрантската криза од 2015 година.
– Нема да си дозволиме да ги повториме стратешките грешки од 2015 година. Ќе им помогнеме само на поединци кои ни помогнаа за време на мисијата на НАТО и на земјите – членки на ЕУ кои ја штитат нашата надворешна граница – објави Јанша на Твитер, пренесува СТА.
Тој, исто така, објави уште еден твит, на англиски:
„Ако жените можат да се организираат и да се борат против Талибанците во некои делови на Авганистан, тогаш мажите можат и треба. Не е должност на Словенија или ЕУ да им помогне и да ги плати сите на планетата што бегаат наместо да се борат за својата татковина”.
Словенечките официјални претставници во изминатите денови постојано повторуваат дека само оние што работеле за странски сили и мисии во Авганистан ќе бидат евакуирани и ќе им се помогне да се преселат, а на останатите треба да им помогнат соседните држави на Авганистан.
Еден авганистански преведувач и неговото семејство веќе пристигнаа во Словенија, додека друг се обидува да пристигне на аеродромот во Кабул.

