Европските земји што граничат со Русија мора да се подготват за можноста Вашингтон да го намали бројот на своите војници во областа, со зајакнување на сопствените воени капацитети, изјави естонскиот претседател Алар Карис.
Во интервју за Политико, Карис откри дека лобирал кај американскиот претседател Доналд Трамп за важноста од задржување на американските сили во Источна Европа, со кого седел два часа за време на погребот на папата Франциск во април, пишува Политико.
„Сè објаснив“, рече естонскиот лидер. „Присуството на американските сили во Естонија – не само во Естонија, туку и во Европа – е клучно и важно за Соединетите Американски Држави, не само за Европа“.
„Тешко е да се предвиди што ќе направи Вашингтон“
Иако беше уверен од некои изјави на Трамп, како што е неговото ветување оваа недела да ги задржи американските сили во Полска, Карис нагласи дека сè уште е „многу тешко да се предвиди“ што ќе направи Вашингтон во Балтикот.
Земји како Естонија „мора да бидат подготвени за секаков сценарио“, а ризикот од повлекување на најголемата членка на НАТО „значи дека треба да ги изградиме сопствените капацитети“, додаде Карис, кој е претседател и врховен командант на вооружените сили на земјата.
Во моментов, околу 2.000 американски војници се стационирани во балтичките држави – Естонија, Литванија и Латвија – како дел од военото засилување по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Предупредувањето доаѓа во време кога Пентагон го разгледува своето глобално распоредување на сили, а резултатите се очекуваат подоцна овој месец.
Иако деталите не се познати, прегледот го води Елбриџ Колби, потсекретар за одбрана за политика и отворен застапник за намалување на американското воено присуство во Европа.
„Трамп губи трпение“
Посетата на Карис на Брисел, каде што се сретна со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се совпадна со собирот на лидерите на ЕУ во „коалицијата на оние што се подготвени“ кои работат на безбедносни гаранции за Украина.
Овој потег предизвика реакција од Москва, чиј портпарол на Министерството за надворешни работи рече дека Русија нема да прифати странски сили во Украина како дел од прекинот на огнот.
Карис остро одговори, велејќи дека Москва нема право да каже ништо во врска со ова прашање:
„Русија ја започна оваа агресија… Одговорот дефинитивно е не“.
На прашањето дали очекува Трамп да го зголеми притисокот врз Путин, естонскиот претседател одговори дека „многу зависи од темпераментот на Трамп“.
„Во овој момент, Естонија и многу европски земји го поддржуваат она што го прави Трамп“, рече Карис. „Тој разговараше со Путин многу пати и ништо навистина не се случува… Мислам дека губи трпение“.
Карис предупреди дека европските земји „не треба да бидат наивни“ во врска со намерите на Кремљ да ги тестира западните демократии во наредните месеци, наведувајќи го како пример евентуалното мешање во чешките парламентарни избори на 3 и 4 октомври.
Сепак, тој ја отфрли идејата дека балтичките држави треба да бидат позагрижени од остатокот од Европа само затоа што делат граница со Русија.
„Современите ракети можат да тргнат од Москва и да завршат во Хаг и Брисел за само неколку минути“, заклучи тој.
Дипломатија и убедување
Како еден од најцврстите поддржувачи на Украина, Карис изрази надеж дека Киев ќе започне формални преговори за пристапување кон ЕУ пред крајот на данското претседателство со Советот, кое завршува на 31 декември.
Кога беше прашан како да се надмине противењето на Унгарија, која го блокира пристапувањето, тој предложи дијалог.
„Можеби треба повеќе да разговараме со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а не само да го етикетираме, за да најдеме решение“. Како друга можност, тој изјави: „Унгарија ја напушта просторијата, а ние донесуваме одлука“.
Тој зазеде сличен став кон Израел. Додека некои европски земји вршат притисок за намалување на трговските односи поради кршења на човековите права во Газа, естонскиот лидер верува во „убедување“ на израелските лидери да престанат со хуманитарните кршења.
Тој, исто така, се спротивставува на прекинувањето на европското финансирање на израелските научни истражувања.
„Израелските научници се исклучително добри. Исто така, би изгубиле нешто ако започнеме такви работи“, рече тој, додавајќи дека постојат и други решенија: „Разговор и убедување“.