Првиот познат случај на коронавирус бил продавач на пазар во Вухан, а не сметководител кој очигледно немал никаква врска со пазарот, покажа студијата спроведена од САД.
Верзијата според која сметководителот бил првиот случај придонесе за ширење на шпекулациите дека вирусот потекнува од лабораторија.
Сметководител за кој се смета дека е првиот случај на ковид 19 пријавил дека првите симптоми се појавиле на 16 декември, неколку дена подоцна отколку што првично се мислело, изјави Мајкл Вороби, раководител на Катедрата за екологија и еволутивна биологија на Универзитетот во Аризонам се наведува во студијата што беше објавена вчера.
Причина за збунетоста е забниот проблем што го имал сметководителот на 8 декември.
Кога бил интервјуиран, рекол дека првиот симптом на ковид 19 – треска го добил на 16 декември, а на 8 декември имал проблем со млечниот заб кој сѐ уште го имал во вилицата.
Тоа го потврдија податоците од болницата, како и информациите дека симптомите почнале на 16 декември, а бил хоспитализиран на 22 декември. Тој претпоставува дека можел да се зарази во болница кога имал проблем со забите, во метро или додека патувал во близина на пазарот.
„Неговите симптоми се развиле откако се разболеле неколку трговци на пазарот, што го означи продавачот на морска храна како прв случај на инфекција, на 11 декември“, се наведува во студијата.
Се наведува и дека првите симптоматски случаи биле поврзани со пазарот, особено со неговиот западен дел, каде што имало диви кучиња во кафези.
Заедничката студија спроведена од Кина и Светската здравствена организација (СЗО) оваа година речиси ја отфрли теоријата дека вирусот потекнува од лабораторија, наведувајќи дека најверојатно ги инфицирал луѓето природно, преку трговија со диви животни.
Тимот на СЗО помина четири недели во и околу Вухан со кинески научници, а во заеднички извештај во март, тие наведоа дека вирусот најверојатно заразил луѓе од лилјаци и некои други животни, но дека е потребно дополнително истражување.
Организацијата минатиот месец предложи да се формира нов експертски панел за да се утврди потеклото на вирусот.
Потеклото на коронавирусот што доведува до болеста „Ковид 19“ сè уште е мистерија и една од најголемите причини за тензиите меѓу Кина и Соединетите Американски Држави, наведува Ројтерс.