Девет патници се повредени бидејќи чад навлегол во кабината поради пожар на моторот на патничкиот авион на Ер Чајна, а поради тоа во Сингапур имало итно слетување, каде патниците биле евакуирани, соопштено е утринава.
Ербас А320 со 146 патници и девет членови на екипажот принудно слетал вчера околу 16 часот и 15 минути, објави Аеродромската управа на Чанги на својата Фејсбук страница.
Летот доаѓал од Ченгду во кинеската провинција Сечуан.
Девет лица се здобиле со полесни повреди поврзани со вдишување чад и рани за време на евакуацијата, се вели во соопштението.
Пилотот прогласил вонредна состојба кога пријавил чад во предниот дел на авионот и во тоалетот.
Чадот ги затемнил светлата во кабината и екипажот во кабината ги повикал патниците да останат смирени и да останат на своите места додека некои од нив станале, изјави еден патник за кинеските медиуми.
Пожарот на левиот мотор бил изгаснат при слетувањето на авионот, јавија кинеските медиуми, пренесува Бета-АП.
Прелиминарната истрага покажа дека причината е механички дефект на моторот, објави Ер Чајна рано утринава преку социјалните мрежи.
Истрагата за причините продолжува.