Адам Шиф, претседател на Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, смета дека евакуацијата од Авганистан најверојатно нема да заврши до предвидениот рок, 31 август.
„Мислам дека е возможно, но исто така е малку веројатно со оглед на бројот на Американци што треба да се евакуираат“, рече Шиф по состанокот на разузнавачките службеници.
Дипломат на НАТО денеска за Ројтерс потврди дека летовите од Авганистан се изведуваат во целосна подготвеност за воените услови во Кабул, како и дека талибанските претставници биле информирани за евакуацијата и логистичкиот процес на аеродромот.
Тој, исто така, рече дека ситуацијата надвор од аеродромот е релативно мирна и дека е потребна подобра масовна контрола.
Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, рече дека побрзото темпо на евакуација делумно се должи на координацијата со талибанските команданти за доведување луѓе на аеродромот.
Советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден, Џејк Саливен, потврди дека разговорите со Талибанците продолжуваат бидејќи администрацијата бара дополнителни начини за безбедно преместување на повеќе Американци и други на аеродромот во Кабул.
Портпаролот на Талибанците Сухаил Шахин, во интервју за Скај њуз, рече дека 31 август е „црвена линија“ што САД не смеат да ја преминат и дека продолжувањето на американското присуство „ќе предизвика реакција“.
„Луѓето можат да го напуштат Авганистан со комерцијални летови дури и по 31 август, кога истекува рокот за странските војници да ја напуштат земјата“, рече Шахин.
Шахин апелираше до Авганистанците да останат и да ја обноват земјата, но рече дека Талибанците нема да им стојат на патот на оние што сакаат да заминат, доколку имаат соодветна документација.
Бајден наскоро ќе одлучи да го продолжи рокот за повлекување
Американскиот претседател Џозеф Бајден се очекува во следните 24 часа да одлучи дали ќе го продолжи рокот за повлекување на американските сили од Авганистан, кој истекува на 31 август, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на извор во американската администрација.
Според тој извор, некои советници на американскиот претседател се противат на продолжување на рокот за повлекување поради безбедносни причини.
Бајден би можел да ги објави своите намери за тоа прашање на денешниот итен виртуелен состанок на лидерите на Г7, посветен на Авганистан.
Талибанците вчера предупредија дека евентуалната одлука на САД да го продолжат рокот за повлекување на своите војници од Авганистан ќе има последици и оценија дека тоа ќе биде продолжување на окупацијата на Авганистан.