Европската унија денеска ја изрази својата „длабока загриженост“ за влошувањето на условите за притвор на претседателот на Нигер, Мохамед Базум, кој беше соборен со државен удар, и повторно побара тој „веднаш и безусловно“ да биде ослободен.
„Според последните информации, претседателот Базум и неговото семејство веќе неколку дена се лишени од храна, струја и нега“, напиша шефот на европската дипломатија Џузепе Борел на мрежата „Икс“ (поранешен Твитер).
Борел додаде дека Базум го посветил својот живот на работа за подобрување на секојдневниот живот на Нигеријците и изјавил дека „ништо не дозволува да се оправда таквиот третман“.
Базум, кој беше соборен со пуч на 26 јули, е приведен во неговата резиденција во Ниамеј, главниот град на Нигер.
Претставници на хунтата во Нигер ѝ кажале на заменик-државниот секретар на САД Викторија Нуланд дека ќе го убијат соборениот претседател Мохамед Базум доколку соседните земји се обидат воена интервенција за да го вратат на власт, изјавија вчера двајца западни претставници за Асошиејтед прес (АП).
Тие разговараа со АП денеска, непосредно пред блокот на западноафриканските држави ЕКОВАС да ја подигне подготвеноста на своите сили да ја обноват демократијата во Нигер, без да дадат детали за составот на воените единици, локацијата и датумот на распоредување, пренесува Бета-Франс прес.