Во септември, Европската комисија ќе претстави закон за воведување единствен полнач за паметни телефони и други електронски уреди низ Европската унија.
Иницијативата е стара повеќе од десет години и некогаш имаше силна поддршка од Гинтер Ферхојген во времето кога тој беше европски комесар за индустрија и претприемништво од 2004 до 2010 година. Во тоа време, сепак, беа постигнати само скромни резултати.
Во 2020 година, Европскиот парламент со големо мнозинство гласаше за воведување единствен стандарден полнач за мобилни телефони, што се објаснува со еколошки причини и потреби на корисниците.
Европската комисија сега подготвува нацрт на соодветниот закон, велат извори блиски до комисијата, а пренесува бриселскиот портал EURACTIV.com.
Таквиот потег би го погодил Apple, производителот на iPhone, повеќе од своите конкуренти, бидејќи Apple користи лајтнинг конектор, за разлика од андроид уредите кои користат USB конектор.
Половина од полначите продадени со телефони во ЕУ во 2018 година беа со микро USB-B конектор, 29 проценти со USB-C конектор, додека 21 проценти користеле лајтнинг конектор, откри комисијата во студија во 2019 година.
Епл, Самсунг, Хуавеи и Нокиа потпишаа меморандум за разбирање пред повеќе од десет години, кој предвидуваше стандардизација на полначите за моделите на паметни телефони што ќе бидат лансирани во 2011 година.
Тој договор резултираше со значително намалување на бројот на различни полначи и пресврт на пазарот кон USB2.0 микро-Б конекторот.
И покрај обидот да се стандардизира пазарот до крај во 2018 година, Европската комисија не успеа.
Американската компанија Епл ја предупреди ЕУ дека воведувањето на еден полнач ќе ја попречи иновацијата и во исто време ќе резултира со планина од електронски отпад, бидејќи корисниците ќе мора да се префрлат на нов тип полначи.
Епл исто така оцени дека таков закон е непотребен, бидејќи целата индустрија на паметни телефони и ИТ уреди се движи во насока на усвојување на USB-C конектори и кабли.
Во својата студија во 2019 година, Европската комисија предложи пет опции за стандарден полнач, од кои три се поврзани со конекцијата на самиот уред и две со надворешен полнач.