Новиот пакет санкции не предвидува забрана за испорака на руски гас преку гасоводи во Европа, бидејќи на тоа се спротивставуваат земјите кои се зависни од рускиот гас, пишува весникот „Политико“.
„Според она што го слушнав, многу е малку веројатно дека ќе биде донесен“, изјави неименуван европски дипломат.
Се појаснува дека тој претставува земја на која минатата година и беа прекинати испораките на гас од Русија.
Според него, на забраната за увоз силно се спротивставуваат земјите кои ја задржаа својата зависност од испораките на гас од Русија. Изворот додава дека работата на новиот пакет санкции на ЕУ е речиси завршена и дека оваа забрана најверојатно нема да биде вклучена во него.
Меѓу другите санкции во енергетскиот сектор, за кои се разговараше на Запад, „Фајненшл тајмс“ и „Обсервер“ пишуваа и за забраната за испорака на нафта преку гасоводот „Дружба“ од Русија до Германија и Полска.
Дополнително, ЕУ смета дека е можно на бродовите со руска нафта да им биде забранет пристапот до европските пристаништа и покрај санкциите.
Според „Ројтерс“, Западот ќе објави нови санкции против Русија за време на самитот на Г7, кој ќе се одржи на 19-21 мај во Јапонија.
Како што најави шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, новиот пакет санкции може да опфати забрана за транзит на стоки од Европа преку Русија до трети земји и забрана за извоз на стоки во земји кои можат да испорачуваат производи под санкции кон Русија.
Шефот на Европската комисија во март изјави дека ЕУ успеала да ја надмине зависноста од руските енергетски извори.
Според нејзините податоци, Москва за осум месеци од 2022 година ја намалила испораката на гас во Европа за 80 отсто, но ЕУ можела да го компензира тоа.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно истакна дека санкциите воведени кон Русија се нелегитимни.
Тој посочи дека западните земји се обиделе да ја уништат руската економија, но не успеале.
Коментирајќи го фактот дека Европа престана да купува руска нафта и гас, руските власти изјавија дека Русија ќе ги преориентира испораките, пренесува Танјуг.