ЕУ разгледува мерки за намалување на увозот на руска нафта

Сподели со своите пријатели

Европската унија (ЕУ) разгледува нови трговски мерки насочени кон намалување на преостанатите количини на увоз на руска нафта, особено преку нафтоводот „Дружба“ што ги снабдува Унгарија и Словачка, објави „Блумберг“, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.

Потенцијалните мерки главно би се однесувале на испораките на руска нафта преку овој нафтовод доколку Унгарија и Словачка не го запрат увозот.

Будимпешта и Братислава досега не сакаа да се диверзифицираат од московската нафта и ги блокираа мерките за кои велат дека ја загрозуваат нивната енергетска безбедност.

Плановите се одвоени од предлогот за нов пакет санкции што ги презентираше ЕУ во петокот.

Предложените ограничувања вклучуваат забрана за руски течен природен гас, која прво би се применувала на краткорочни договори шест месеци по нивното стапување во сила, а потоа и на долгорочни договори од 1 јануари 2027 година.

Како дел од пакетот, ЕУ, исто така, предложи воведување санкции за повеќе од 100 танкери за нафта во руската флота во сенка, како и други мерки насочени кон субјектите што ја олеснуваат трговијата со енергија, вклучително и оние во трети земји.

Изворите на Блумберг одбија да дадат детали за временската рамка и обемот на можните трговски мерки.

За разлика од санкциите, за кои е потребна поддршка од сите земји-членки за да се усвојат, трговските мерки, како што се царините, бараат само поддршка од мнозинството членови.

Мерките би ѝ овозможиле на ЕУ да го исполни клучното барање што американскиот претседател Доналд Трамп го постави кон блокот како услов САД да им се придружат на сојузниците во санкционирањето на Русија поради нејзината неподготвеност да ја прекине војната против Украина.

Трамп постојано повторува дека ЕУ треба да престане да купува руска нафта и гас. Речиси сите земји-членки го суспендираа увозот, освен Унгарија и Словачка.

Повеќето други земји од ЕУ ветија дека постепено ќе го укинат целиот увоз на руски фосилни горива до крајот на 2027 година, а воведувањето трговски мерки би можело да биде опција ако владите во Будимпешта и Братислава не презентираат планови за излез, велат некои од изворите.

САД, исто така, извршија притисок врз своите сојузници од Г7 да воведат тарифи до 100 проценти за купувањето руска нафта од Кина и Индија, како начин да го принудат рускиот претседател Владимир Путин да седне на преговарачка маса со Украина, според Блумберг.