Германија, Франција, Данска, Шпанија, Италија и Чешка поднесоа предлози за нови санкции на Европската унија против Иран поради задушување на протестите за правата на жените, објави денеска германскиот весник Шпигел, повикувајќи се на свои извори.
Според извештајот на весникот, предложените санкции се насочени кон 16 лица, организации и институции кои се првенствено одговорни за задушување на протестите ширум земјата што избувнаа по смртта на една млада жена во притвор, објави Ројтерс.
Оние кои ги предлагаат санкциите имаат за цел министрите за надворешни работи на ЕУ да одлучат за нив на состанокот на 17 октомври.
Германското МНР не било достапно за коментар, наведува британската агенција.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на Твитер напиша дека задушувањето на протестите е „израз на чист страв од образованието и моќта на слободата“ и вети санкции.
– Тешко е да се прифати и дека нашите надворешнополитички опции се ограничени. Но, можеме да го засилиме нивниот глас, да создадеме публицитет, да подигнеме обвинувања и санкции. И тоа е она што го правиме – изјави Бурбок.
Антивладините протести, кои започнаа по смртта на 22-годишната Махса Амини на 17 септември во градот Сакез. Прераснаа во најголеми демонстрации на противење на иранските власти во последните години.
Иранската група за човекови права со седиште во Норвешка соопшти дека се убиени повеќе од 100 луѓе.
Иранските власти не наведоа биланс на загинати во протестите, но во соопштението наведоа дека многу членови на безбедносните сили биле убиени од „немири и насилници поддржани од странски непријатели“.
Државната телевизија минатата недела објави дека загинале 41 лице, меѓу кои и припадници на безбедносните сили.