Европската унија планира да им препорача на земјите – членки да ги обноват ограничувањата за туристите од САД поради зголемувањето на нивото на инфекции со коронавирус во таа земја, објавија денеска европските дипломати.
Најновите упатства може да пристигнат веќе оваа недела, според дипломатите на ЕУ, кои зборуваа под анонимност, бидејќи процесот на ревизија сѐ уште е во тек.
Сепак, секоја одлука ќе биде необврзувачка, бидејќи ЕУ нема унифицирана туристичка политика поврзана со „Ковид 19“, а националните влади имаат овластување да одлучат дали ќе ги остават своите граници отворени за туристи од САД, пренесува агенцијата АП.
Одлуката за отстранување на САД од листата на безбедни земји за несуштински патувања ќе ја поништи препораката од јуни, кога блокот од 27 членови препорача укинување на ограничувањата за американските патници пред летната туристичка сезона.
ЕУ ја ажурира листата врз основа на критериумите во врска со бројот на заразени со коронавирус, а листата се ревидира на секои две недели, пренесува Танјуг.
Според податоците на Европскиот центар за контрола и превенција на болести, основниот критериум за една земја да биде на т.н. зелената листа е дека во последните 14 дена има помалку од 75 заразени на 100.000 жители.
Бројот на случаи на коронавирус се зголеми во САД во последните недели, со повеќе од 1.100 заразени дневно, што е највисоко ниво од средината на март.

