Со согласувањето со барањето на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на воените трошоци и со потпишувањето на неповолен трговски договор, Европа му ја „продава душата“ на американскиот лидер, пишува британскиот весник „Фајненшл тајмс“.
Авторот на текстот наведува дека она што европските лидери го нарекуваат прагматизам во суштина се претвора во „самодеструктивен опортунизам“.
Стратегијата, која вклучува ласкави изјави за мировните и преговарачките вештини на Трамп, предупредува весникот, резултира со губење на европското самопочитување.
„Најважно е што Европа ја ризикува својата политичка душа. Се стави во позиција каде што лидерите не можат јавно да ги соопштат своите вистински намери. Тоа е рецепт за недоверба и отров за демократијата, особено за европската либерална демократија. Како можат гласачите да одобрат политики чија суштина не може јавно да се признае, како што е неисполнувањето на ветувањата дадени на Трамп?“, предупредува статијата.
Според договорот потпишан на 28 јули, Европската Унија се обврза да купи американски енергетски ресурси во вредност од 750 милијарди долари, да ги зголеми инвестициите во САД на 600 милијарди долари и да набави американско оружје.
За возврат, Вашингтон се согласи да ги преполови царините за европски стоки – од 30 на 15 проценти.