ЕУ: Мора да произведуваме повеќе антибиотици. Се соочуваме со недостиг

Сподели со своите пријатели

Европската унија мора да го зголеми производството на клучни антибиотици пред зимата и да ги троши попромислено за да го спречи недостигот, предупреди Европската комисија.

Loading...

Доколку побарувачката оваа зима е слична на просечната во претходните години, податоците упатуваат на заклучок дека набавката на орални формулации на клучните антибиотици за респираторни инфекции ќе ја покрие потрошувачката, соопштуваат од Комисијата.

Заклучокот се заснова на податоци за снабдување и потрошувачка на амоксицилин, амоксицилин/клавуланска киселина, пеницилин V, азитромицин, кларитромицин, цефтриаксон, цефотаксим и пиперацилин-тазобактам.

Европската агенција за лекови (ЕМА) и Агенцијата за подготвеност и одговор при здравствена криза (ХЕРА) ќе продолжат да соработуваат со надлежните органи во исто време за зајакнување на мерките кои би ја зголемиле понудата на група интравенски антибиотици, се додава.

Приоритет им се дава на антибиотиците за третман на респираторни инфекции

„Од клучно значење е да преземеме итни мерки за да се подготвиме за зимата и да спречиме потенцијален недостиг на антибиотски лекови“, рече еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес.

Навремените подготовки пред почетокот на есента ќе им обезбедат на фармацевтските компании доволно време да го зголемат капацитетот и да одговорат на побарувачката, посочуваат од Комисијата.

Приоритет се антибиотиците кои се користат за лекување на респираторни инфекции, се вели во соопштението.

Покрај поголемото производство и повнимателната потрошувачка, Комисијата им предлага и на своите членови во соработка со компаниите да ја следат побарувачката и набавката на клучните антибиотици.

Loading...

Се развива и листа на клучни лекови, чија прва верзија треба да биде објавена до крајот на годината.

Европската агенција за лекови ќе ја следи, врз основа на проширени овластувања, достапноста на лекови во наредните месеци со цел навремено да се открие недостигот што може да прерасне во криза за снабдување, а ЕК ќе може да организира заеднички набавки за сите 27 членки доколку е потребно.