Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел повика на прекин на непријателствата во Украина и најави дека вториот пакет санкции на ЕУ против Русија веќе е во „итна подготовка“.
„Бесмисленото страдање и загубата на животи на цивилите мора да престанат. Европа е со Украина и нејзиниот народ и ќе продолжи да ја поддржува. На политички план е договорен уште еден пакет санкции кои ќе имаат тешки последици. Новиот пакет е веќе во итна подготовка“, напиша Мишел на Твитер.
Пристигнувајќи на вонредниот состанок на Советот на ЕУ на кој треба конечно да биде одобрен новиот пакет санкции усвоен од ЕУ поради руската воена интервенција во Украина, министрите за надворешни работи на ЕУ ја поддржаа и работата за нови санкции против Москва и Белорусија.
Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн доаѓајќи на состанокот на Советот на ЕУ вели дека е за усвојување на најстроги можни санкции во вториот пакет, но и додавање на трет пакет санкции.
Со него се согласи и министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ив Ледриан, кој ја истакна важноста од проширување на рестриктивните мерки кон олигарсите и Белорусија.
„Во вторникот во Париз беше усвоен првиот пакет санкции. Други ќе ги одобриме денеска. Но, тоа не е доволно. Треба да продолжиме“, вели Лендијан.

