ЕУ испраќа мисија во Ерменија за да помогне во демаркација на границата со Азербејџан

Сподели со своите пријатели

Европската унија ќе испрати „цивилна мисија“ во Ерменија долж границата со Азербејџан за да воспостави доверба меѓу двете земји и да помогне во демаркацијата на границата, соопштија денеска двете страни по средбата спонзорирана од ЕУ и Франција во Прага.

Loading...

„Мисијата ќе започне во октомври и ќе трае најмногу два месеци. Целта на мисијата е да се воспостави доверба и да се придонесе кон комисиите за демаркација на границата“, се вели во заедничката изјава објавена по разговорите меѓу четирите партии.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел се сретнаа во Прага на маргините на состанокот за формирање на Европската политичка заедница. Состанокот на четворицата функционери траеше неколку часа, до доцна синоќа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Сесија на Генералното собрание на ОН следната недела: 130 лидери ќе разговараат за Газа и Украина

„Ереманија се согласи да го олесни формирањето на таа мисија, а Азербејџан се согласи да соработува со мисијата за прашања поврзани со неа“, се наведува понатаму во заедничката изјава.

„Ерменија и Азербејџан го потврдија своето придржување кон Повелбата на Обединетите нации и Декларацијата од Алмати од 1991 година, според кои меѓусебно го признаваат територијалниот интегритет и суверенитет“, се додава во соопштението.

Договорот од Алмати го основа Комонвелтот на независни држави, кој обединува неколку поранешни советски републики, вклучувајќи ги Ерменија и Азербејџан.

Во септември, најмалку 286 лица загинаа во судирите меѓу Ерменија и Азербејџан, во најтешките борби меѓу двата кавкаски соседи од војната во 2020 година.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Во ЕУ во август се регистрирани 643.637 нови автомобили

Ерменија склучи мировен договор со Азербејџан со посредство на Русија во ноември 2020 година, по понижувачкиот пораз на ерменските сили во шестнеделната војна над Нагорно-Карабах, во која загинаа повеќе од 6.500 луѓе.

Loading...

Во една област се распоредени руски мировни сили. Со тој договор, Ерменија изгуби контрола врз дел од Нагорно-Карабах и околните области во Азербејџан по повеќе од 25 години.

Во време кога Москва е се поизолирана на меѓународната сцена поради нападот врз Украина, САД и ЕУ ја презедоа главната улога на посредници во процесот на нормализирање на односите меѓу Баку и Ереван.