Доналд Трамп им се закани на Европејците уште пред повторно да ја преземе функцијата, што официјално ќе се случи на 20 јануари.
Тој рече дека ќе воведе високи царини за европските производи, ќе ја намали американската помош за Украина и ќе иницира дискусија за тоа како НАТО треба да се финансира во иднина.
Со оглед на претстојните турбуленции, би било важно 27-те земји-членки на Европската унија да покажат единство и да зборуваат на ист јазик.
Но, реалноста е поинаква: кога Трамп ќе се врати во Белата куќа, Германија и Франција ќе го пречекаат со нестабилни влади.
За овие две земји често се вели дека се „мотор на Европската унија“ – тие се членки на Унијата со најголемо население и најголеми национални економии во ЕУ.
Влади на малцинства
Во Германија, актуелната влада на сојузниот канцелар Олаф Шолц ја сочинуваат Социјалдемократите (СПД) и Зелените.
Тоа е малцинска влада – повеќе нема мнозинство во Бундестагот.
На 23 февруари се одржуваат предвремени избори и само по нив, се очекува, повторно да се воспостави политичката стабилност.
Ако се суди според сегашните анкети, ниту една партија нема да освои апсолутно мнозинство на изборите и затоа е веројатно дека преговорите за формирање на владејачка коалиција ќе почнат по изборите.
Сè на сè, може да се каже дека откако Трамп повторно ќе ја преземе функцијата, ќе поминат најмалку два месеци пред Германија да добие нова влада.
Во Франција фазата на нестабилност ќе трае уште подолго: според Уставот, нови избори може да се одржат најрано во јули 2025 година, а дотогаш динамиката на политичките настани е „диктирана“ од резултатите од последните избори во јули 2024.
Не кристализираа јасна мнозинска опција – Трите политички блока се приближно подеднакво силни, што го отежнува формирањето стабилна влада.
Тоа се десничарскиот популистички „Национален митинг“, левичарскиот сојуз „Нов народен фронт“, а во центарот партијата на претседателот Емануел Макрон „Заедно за Републиката“ со своите сојузници.
„Ситуацијата е многу нестабилна. Никој нема мнозинство во парламентот, а трите блока не сакаат да соработуваат“, вели за ДВ Клер Демесмеј, политиколог од Париз.
Во Германија, во таква ситуација, би се обиделе да направат некаква коалиција, вели Демесмеј, „но во Франција нема култура на компромис. Политичката култура на Франција е крајно конфронтирачка. Затоа е тешко да се најде владејачко мнозинство.“
Расправија за пари
Конзервативниот премиер Мишел Барние неодамна се обиде да го „протурка“ нацрт-буџетот во парламентот во Париз. Неуспешно.
Неговата влада падна поради тоа. Тоа беше на 4 декември, откако беше изгласана недоверба во парламентот.
Претседателот Макрон потоа го назначи центристот Франсоа Бајру за нов премиер на 13-ти декември и му даде мандат да формира нова влада.
И во Германија владата се распадна поради буџетски спор.
И така двете најголеми земји на Европската унија влегоа во новата година без усвоен буџет за 2025 година.
„Она што дополнително ја влошува ситуацијата е што кога станува збор за јавните финансии, двете најголеми национални економии во ЕУ се на сосема спротивни курсеви“, вели за ДВ Карстен Брзески, главен економист на ИНГ банка за еврозоната.
Франција има голем долг и би морала да штеди, а Германија би требало да троши повеќе пари, на пример со инвестирање во трошна инфраструктура, вели соговорникот на ДВ.
„Франција би морала малку повеќе да наликува на Германија, а Германија би требало да биде малку повеќе како Франција.“
Долгови и должнички кочници
По Грција и Италија, Франција има трет најголем национален долг меѓу членките на еврозоната. Германскиот долг е малку повисок од горната граница пропишана од ЕУ.
Големи разлики има и во однос на државните буџети. Во Германија дефицитот е под горната граница на ЕУ, која е три отсто од БДП.
Причината за тоа е таканаречената „должничка кочница“, правило кое е запишано и во германскиот Устав и кое вклучува многу строги одредби во однос на новото задолжување.
Критичарите на сопирачката за долгот велат дека овие правила се престроги и затоа бараат нивно опуштање. Но, за ова е потребно двотретинско мнозинство во следниот Бундестаг.
Во Франција, новиот премиер Бајру се бори со истите проблеми со кои се бореше неговиот претходник Барние.
Имено, тој сакал да заштеди околу 60 милијарди евра преку мешавина на зголемување на даночните стапки и намалување на државните трошоци.
Сето тоа затоа што Франција се бори со голема дупка во својот буџет.
До крајот на 2024 година, тој јаз, според некои прогнози, достигна шест отсто од БДП. Ова е двојно повеќе од максимално дозволеното ограничување поставено од ЕУ.
Франција се соочува со казна за пречекорување на правилата за дефицит и се водат соодветни постапки од надлежните институции на ЕУ.
Едноставно кажано, Франција сега мора редовно да ја информира Европската комисија за тоа како има намера да ја „пополни“ буџетската дупка.
Дилемата на Бајру е следнава: тој треба да штеди за Франција повторно да ги почитува правилата на ЕУ, но за да „турне“ буџет кој ги интегрира мерките за штедење преку парламентот, потребна му е влада со солидно мнозинство.
И нема да има таква влада – барем до летото 2025 година.
„Тоа е квадрат на кругот“, вели Клер Демесми.
Реакцијата на финансиските пазари на овие случувања беше јасна: Франција беше „казнета“.
Имено, во меѓувреме се зголеми премијата за ризик што Париз ја плаќа за своите национални долгови.
И се искачи на највисокото ниво од должничката криза во 2010 година, која ја доведе еврозоната на работ на колапс.
Премијата за ризик – едноставно кажано – го задржува мислењето што го имаат доверителите за една земја, или подобро кажано, за нејзината способност навреме да ги отплати долговите.
Франција неодамна беше полошо рангирана по ова прашање од Грција, земја која до пред само неколку години беше најголемата финансиска грижа на Европската унија.
Кредитен рејтинг
Во средината на декември дојде нов удар: агенцијата Мудис го намали кредитниот рејтинг на Франција, што значеше дека новите долгови (т.е. заеми) станаа поскапи за Франција.
„Политичката фрагментација на Франција“, рече тогаш Мудис, ја ослабува буџетската ситуација на земјата и го спречува усвојувањето на сеопфатни реформи насочени кон намалување на нејзиниот голем дефицит.
Проблеми има и во француската економија. За минатата година Централната банка прогнозираше раст на БДП од 1,1 отсто. За 2025 година, таа мораше да ја намали својата прогноза на 0,9 проценти – што се објасни со „зголемената неизвесност“ во и надвор од Франција.
Во Германија би биле среќни доколку нивната економија порасне дури и со такви стапки. Германската централна банка, Бундесбанк, прогнозираше пад на БПД од 0,2 отсто минатата година. Тоа би значело дека Германија веќе помина две последователни години во рецесија.
Ниту прогнозите за 2025 година не се многу ветувачки Скуден плус од 0,2 отсто – тоа го прогнозира Бундесбанк.
Со други зборови: германската економија стагнира. А најголемиот фактор на неизвесност е „можниот глобален раст на протекционизмот“, според Бундесбанката.
(не)слободна трговија
Од германска перспектива, мало олеснување за сегашната ситуација може да се донесе со склучување на нов договор за слободна трговија – на пример меѓу Европската унија и јужноамериканските земји Аргентина, Бразил, Уругвај и Парагвај.
Таканаречениот договор на Меркосур би значел создавање на најголемата зона за слободна трговија во светот, со околу 700 милиони луѓе.
Европската комисија ги заврши преговорите за ова прашање во декември минатата година, но во моментов не е јасно кога (и дали) земјите-членки ќе го ратификуваат договорот.
Јасно е само дека Франција и Германија немаат ист став по прашањето за Меркосур. Франција веќе јасно го сигнализираше своето противење на сеопфатен договор за слободна трговија.
„Прашањето на трговијата е класично прашање за кое се расправаат Германија и Франција“, вели политикологот Демесмеј.
„Во Франција генерално се многу покритични кон големите трговски договори отколку во Германија. Тоа создава чувство дека иднината на земјата повеќе не е во наши раце, а тоа е политички опасно.“
Што е со Трамп?
Недостатокот на единство може да стане проблем дури и откако Доналд Трамп повторно ќе го преземе претседателството со САД.
Веќе за време на неговиот прв мандат (2017-2020) се добиваше впечаток дека Европејците само реагираа на неговите потези. Како да не знаеја како да се справат со бројните нови најави на Трамп кои потоа ги „пласираше“ преку Твитер.
Европејците денес се, мора да се признае, подобро подготвени за Трамп отколку пред осум години, смета главниот економист на ING-Bank Брзески, но тој ги советува дека би било добро да не реагираат само на она што го прави Трамп.
„Наместо тоа, треба да се грижат за себе.“ за внатрешниот пазар на ЕУ, т.е. да инвестираат во нивната инфраструктура и да ги истуркаат структурните реформи“.
Притоа, додава Бжески, клучна е подобрата координација меѓу партнерите: „Од минатото знаеме дека кога двете најголеми национални економии не соработуваат и кога не го туркаат европскиот проект напред – тогаш напредокот во Европа е многу бавен.