Alphabet Inc. и Јутуб треба да ги забранат корисниците кои поттикнуваат воена пропаганда како дел од мерките за запирање на дезинформациите по руската инвазија на Украина, им порача европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон на извршните директори на двете компании.
Гугл на Alphabet во саботата и забрани на руската државна медиумска куќа Russia Today и другите канали да примаат пари за реклами на нивните веб-страници, апликации и видеа на Јутуб, слично на потегот на Фејсбук по инвазијата на Украина.
Во видео повик со извршниот директор на Alphabet, Сундар Пичаи и извршната директорка на Јутуб, Сузан Војчицки, Бретон рече дека двете компании треба да одат понатаму.

„Слободата на изразување не ја покрива воената пропаганда. Предолго, содржините од Russia Today и другите руски државни медиуми се зајакнуваат со алгоритми и се предлагаат како „препорачана содржина“ на луѓето кои никогаш не ја побарале“, додаде Бретон во изјавата.
Гугл презеде чекори без преседан
„Воената пропаганда никогаш не треба да биде препорачана содржина – згора на тоа, таа воопшто не треба да има место на интернет платформите. „Сметам на технолошката индустрија да преземе итни и ефективни мерки за борба против дезинформациите“, напиша тој.
Во видеоповикот учествуваше и потпретседателката на Европската комисија Вера Јоурова.

Гугл соопшти дека веќе презел чекори без преседан за да ги спречи дезинформациите за Украина.
„Како што им кажавме на [европските] комесари, нашите тимови продолжуваат да ја следат ситуацијата 24 часа на ден и се подготвени да преземат дополнителни активности“, рече портпаролот на Google.
Сепак, забраната на сметки кои промовираат воена пропаганда може да биде проблематична поради тешкотиите во дефинирањето на тоа што претставува пропаганда и од чија перспектива.

