ЕУ е блиску до договор за слободна трговија со Австралија

Сподели со своите пријатели

По неколку години преговори, Европската Унија е блиску до постигнување договор за слободна трговија со Австралија, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во писмо до лидерите на Унијата изјави дека разговорите се во завршна фаза.

Како што процени таа, договорот дополнително ќе ја зајакне способноста на Европа да ги обликува глобалните стандарди и да обезбеди поотпорни синџири на снабдување, објавува Блумберг.

Според информации од анонимни извори запознаени со преговорите, постои можност фон дер Лајен да отпатува во Австралија овој викенд за да го потпише договорот, иако деталите сè уште не се целосно договорени.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Серија напади во Нигерија, загинаа најмалку 23 лица

Напредокот во преговорите го потврди и европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ, кој, по разговорот со австралискиот министер за трговија, Дон Фарел, изјави дека двете страни „се движат во вистинската насока“.

Најголемиот предизвик во преговорите меѓу Европската Унија и Австралија се однесува на увозот на земјоделски производи, особено говедско месо.

Австралија инсистира на зголемување на квотите за извоз на месо под преференцијални услови, додека Унијата се стреми да го заштити сопствениот земјоделски сектор.

Чувствителноста на ова прашање е дополнително нагласена со протестите на европските земјоделци против претходните трговски договори, вклучително и договорот со јужноамериканскиот Меркосур.

Преговорите меѓу Европската Унија и Австралија веќе еднаш пропаднаа во 2023 година, кога австралиската страна го напушти речиси финализираниот договор, оценувајќи дека понудените квоти за извоз на говедско месо без царини не се доволни.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Авганистан: 400 луѓе беа убиени во напад врз болница. Пакистан: Станува збор за магацин за оружје