ЕУ: Ако Унгарија ја блокира помошта за Украина, тоа би било кршење на лојалната соработка

Сподели со своите пријатели

Доколку Унгарија го блокира заемот од Европската Унија во износ од 90 милијарди евра за помош на Украина, тоа би било прекршување на принципот на лојална соработка, изјави денес главната портпаролка на ЕУ, Паула Пињо.

Таа нагласи дека е потребно да се почитува одлуката за финансиска помош за Украина, откако беше одобрена од Европскиот совет, објавува „Гардијан“.

„Постоеше еден и единствен услов трите земји-членки да не учествуваат финансиски во оваа програма. Тој услов е исполнет и очекуваме сите лидери да ги почитуваат своите обврски. Непочитувањето на тие обврски би било прекршување на лојалната соработка“, рече Пињо, според Танјуг.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Зеленски: Украина не доби лиценца за производство на системот „Патриот“

Таа изрази очекување дека сите лидери на земјите-членки на ЕУ, „вклучувајќи го и (унгарскиот) премиер Орабан“, „ќе се држат до своите обврски“.

Претходно, Орбан објави дека Унгарија ќе ја запре исплатата на воениот заем за Украина додека не се обнови снабдувањето со нафта преку нафтоводот „Дружба“.

„Нема воени заеми за Украина додека не се обноват испораките на нафта во Унгарија“, нагласи Орбан.

Тој истакна дека Украина со своите постапки ги загрозува енергетските интереси на Унгарија и предупреди дека Унгарија нема да ги продолжи испораките на дизел во Украина додека не се обноват испораките на нафта.

„Украина го спречи пристигнувањето на евтина руска нафта преку гасоводот „Дружба“ во Унгарија, со што создаде енергетски ризик за нашата земја. Го елиминиравме овој ризик и донесовме соодветни одлуки, поради што во моментов нема опасност за снабдувањето со енергија во Унгарија“, рече унгарскиот премиер, според Танјуг.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Фон дер Лајен и Коста во Киев без ветените подароци

Унгарија, додаде тој, нема да поддржи никаков пакет санкции додека не се нормализира режимот на испораки на нафта.

„Доколку се обноват испораките на нафта, односите ќе се вратат во нормала“, рече унгарскиот премиер.

Денешната седница на Советот за енергетска безбедност беше свикана поради неодамнешната украинска блокада на нафтоводот „Дружба“, а темата на состанокот беше координација на потребните чекори поради украинската енергетска уцена.