Етиопскиот премиер Абиj Ахмед денесka ги отфрли меѓународните повици за дијалог за запирање на борбите во регионот Тиграј, нарекувајќи ги „мешање“ во внатрешните работи и рече дека неговата земја сама ќе се справи со конфликтот.
Етиопија „ја цени добронамерната грижа на нашите пријатели, но ние отфрламе какво било мешање во нашите внатрешни работи“, соопшти кабинетот на етиопскиот премиер Абиј Ахмед, непосредно пред истекот на неговиот 72-часовен ултиматум до регионалните водачи на Тиграј да се предадат.
„Меѓународната заедница треба да се држи настрана се додека етиопската влада не поднесе барање за помош до заедницата на држави. Ние со почит ја повикуваме меѓународната заедница да се воздржи од какви било несакани и незаконски акти на мешање”, се вели во соопштението.
Премиерот Абиј, добитник на Нобеловата награда за мир во 2019 година, инсистира на тоа судирот да го нарекува операција „за спроведување на законот“, додека тенкови го опколија главниот град на Тиграј, Мекеле, за конечна акција за апсење на лидерот на Ослободителниот фронт на Тиграј (ТПЛФ).
Абиј ги предупреди жителите на половина милионскиот град да се дистанцираат од водачот на Фронтот, во спротивно нема да има „милост“, со зборови што шефот за човекови права на ООН и другите предупредија дека може да доведат до понатамошно кршење на меѓународното хуманитарно право.
Комуникациите се скоро целосно прекинати со регионот Тиграј со околу шест милиони жители, што ги отежнува напорите за проверка на тврдењата на завојуваните страни. Под овие околности, не е јасно колку луѓе во Мекеле знаат за предупредувањата и заканата од артилериски оган во наредните часови.
На 4 ноември, премиерот на Етиопија започна воена офанзива против силите на ТПЛФ кои управуваат со тој регион.
Сања Костовска