Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека неговата земја, е отворена за соработка со талибанските власти во Авганистан.
Според него, тој ги цени умерените изјави на Талибанците и ветувањето дека нема да владеат како што владееле во минатото. Тој нагласи дека Турција се обидува да ја задржи контролата врз меѓународниот аеродром Хамид Карзаи во Кабул.
„Ние правиме планови во согласност со новата реалност на терен и продолжуваме да преговараме соодветно“, рече тој.
Според турскиот весник Дејли Сабах, Талибанците се обидуваат да добијат меѓународно признание со умерени изјави, како на пример дека ќе ги почитуваат правата на жените.
„Отворени сме за соработка. Беа многу внимателни во односите со Турција и се надевам дека така ќе остане“, рече Ердоган.
Тој се осврна и на тврдењата на некои опозициски политичари, а тоа е дека тој и американскиот претседател Џо Бајден веќе се договориле како да се однесуваат кон авганистанските бегалци.
Тој посочи дека Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Турција веќе го негираше ова тврдење и дека оние што тврдат дека треба „да го докажат ова тврдење или да му се извинаат“.

